За семејството домаќин

Семејството-домаќин во коешто ќе престојувате е избрано од американската фондација International Student Exchange според многу строги критериуми, а вие сте избрани од семејството според вашата апликација.

Семејствата во САД примаат ученици на размена на волонтерска основа, а за возврат не добиваат паричен надомест. Како што е Америка една од најразличните земји во светот, каде што секоја држава, регион и град имаат свои специфичности, така и семејствата се многу различни. Она што ги поврзува е желбата да запознаат нова земја, култура, обичаи, па поради тоа се одлучуваат и на овој чекор, односно да вдомат ученик на размена.

Како учесник на оваа Програма ќе станете член на американско семејство коешто ќе ви дава поддршка во текот на целиот престој во Америка. Додека престојувате во нивната куќа вие нема да бидете гостин, туку рамноправен член на семејството. Ќе уживате во семејните прослави, празници, културни активности и рекреации. Ќе учествувате во бројни активности и ќе се чувствувате како вистински американски тинејџер.

Вашите американски родители ќе ве запознаат со правилата што мора да ги почитувате, а кои се однесуваат на куќните обврски дома и на училиште, за правилата на излегување и патување. Како член на семејството ќе ги уживате сите права, но и обврски како и останатите членови на семејството. Американците уште од мали нозе ги учат своите деца на самостојност и ги вклучуваат во домашните обврски, па така може и од вас да се бара да си ја одржувате својата соба, да помогнете околу домот и да ги прифатите другите обврски како и останатите членови на семејството.